Појавата на свлечишта и лизгање на земјиштето е во тесна врска со претераната ерозија, па затоа овие непогоди често се јавуваат на ист или близок простор. За појавата на свлечишта особено се значајни големите наклони на теренот и нестабилноста на карпестите маси и земјиштето. Во таа смисла особено подложни на појава на свлечишта се деловите од општината во подножјето на Влаина и Бејаз Тепе, односно по рамката на котлинското дно, по долинските страни, покрај длабоко всечени патишта (длабоки засеци), во близина на населби и др. Токму од тие причини, за моделирање на појавата на свлечишта се користени наведените 6 фактори: наклони на теренот и типови на наклони (испакнати или вовлечени), геолошкиот состав, покровност на земјиштето, близината до речни текови и близината до патишта. Крајниот резултат е добиен со собирање на вредностите од сите шест параметри, односно со собирање на вредностите за секоја единечна површина од сите 6 дигитални слоеви. Вредностите на добиениот модел се движат во границите од 5 (подрачја со најслаб потенцијал за појава на свлечишта) до 25 (подрачја со најголем потенцијал за појава на свлечишта и подрачја каде што веќе постојат свлечишта). Помеѓу навeдените вредности се издвоени 5 класи со многу мал, мал, среден, висок и многу висок потенцијал за појава на свлечишта.
Бидејќи водата од врнежите е еден од најзначајните фактори кои имаат влијание за појава на свлечишта, изработени се три сценарија според дневното количество на врнежи и тоа од 30 mm, 60 mm и 90 mm. Сите сценарија одговараат на одреден потенцијал на појава на свлечишта при што колку дневното количество на врнежи е поголемо или пак врнежите траат подолго, толку и површината зафатена со свлечишта ќе биде поголема.