Поплави

Поплавите се природна непогода која често се јавува во подрачјата на oпштината Пехчево. Причините за тоа се во тесна врска со оголеноста (обесшуменоста) на одредени делови од просторот, забрзано површинско истекување на врнежите, поставување на различни несоодветни антропогени градби покрај речните брегови, интервенции во речните корита и бројни други фактори. На подрачјето на општината Пехчево, според досегашните сознанија, поплавите во минатото понекогаш предизвикувале големи штети, па и човечки жртви. Тоа особено било присутно до 70-тите години на минатиот век, пред да се преземат мерки за уредување на сливовите. Такви се примерите на Пехчевска Река, Црничка (Виничка) Река, Панчаревска Река. Така, со поплавите на Црничка Река во 1950-тите и 1960-тите години на минатиот век, биле уништени голем број на куќи и помошни објекти, а биле забележани и неколку човечки жртви. Релативно големи поплави беа присутни и неодамна, во 2010 и во 2013 година, особено со излевање на реката Желевица. Всушност, Желевица и речиси сите нејзини притоки, потоа Умленска Река и др. имаат пороен карактер. Во сушен период тие се речиси без вода, но при силни врнежи стануваат огромни водотеци кои можат да однесат се пред себе. Денес нема последици од толкав размер, но речеси секоја година доаѓа до оштетување на некои индивидуални објекти, однесување на бреговите, натрупување на нанос и слично. Затоа, во проектот е извршено моделирање на подрачја со ризик од поплави. Во постапката, првин е одредена потенцијалната плавна рамнина, а потоа процентот на вода од врнежите што се слева директно до речните текови (големина на површинското истекување). Потенцијално плавните подрачја на просторот од општината Пехчево се добиени врз основа на емпириско моделирање во ГИС средина со користење на неколку параметри.

65-RIZIK-POPLAVI

Карта на подрачја под ризик од поплави во општината Пехчево. Најризични подрачја се покрај пошироките долински дна (сина боја) на Желевица, Пехчевска Река, Умленска Река и други.



Бидејќи врнежите се клучен фактор за појавата на поплави особено во однос на нивното траење и интензитет, ризикот од поплави е е моделиран врз основа на 3 сценарија и тоа, при дневни врнежи од: 30 mm, 60 mm и 90 mm. Според било кое од трите модели и сценарија, најзагрозени површини од поплави се во низводниот дел од долината на Желевица, потоа Панчаревска Река низводно од с. Панчарево, Црничка (Виничка) Река кај селото Црник, како и низводните делови на Пехчевска и Умленска Река. За време на поплави, протекот кај овие реки може да биде значително поголем од нормалниот. Може да се констатира дека теренот во општината Пехчево е таков што не одговара за поплави од голем размер при кои би биле зафатени пространи површини. Тие се локализирани на тесна зона околу речните корита на Пехчевска, Негревска, Умленска, Виничка и Панчаревска Река. Сепак, во таа зона се и деловите од речиси сите населби. Со идните климатски промени, се очекува поплавните појави да зачестат, за што би требало да се води сметка при планирање, уредување и користење на просторот.

67a-POPLAVI-30mm

Подрачја под ризик од поплави при дневни врнежи од околу 30 мм (што речиси секоја година се јавува во месеците април-мај и ноември)

67b-POPLAVI-60mm

Подрачја под ризик од поплавување при дневни количества на врнежи од околу 60 мм (се јавува на неколку години)

67c-POPLAVI-90mm

Подрачја под ризик од поплави при дневни количества на врнежи од околу 90 мм (ова е екстремен случај и се јавува само неколку пати во еден век).

Општина Пехчево © 2013 - 2020 Сите права се задржани | Hosting and Development by MSP Myserverplace