Географски информациски систем (ГИС) е систем за управување со просторните податоци и карактеристиките што им соодветствуваат. Во најстрога смисла тоа е компјутерски систем што е способен за интегрирање, складирање, уредување,
анализа и прикажување на географски информации. Во поширока смисла ГИС е орудие на „паметна карта“ што им остава можност на корисниците да поставуваат интерактивни прашања (истражувања што ги создава корисникот), да ги анализираат просторните информации и да ги уредуваат податоците. Денес речиси не може да се замисли просторен сегмент од човековото живеење каде не се користи ГИС, од научни истражувања, управување со ресурсите, управување со имоти, планирање на развојот, просторно планирање, картографија и планирање на инфраструктурата. ГИС често се користи и за потребите на геологијата, градежништвото, сообраќајот, но и во сите области што користат податоци кои се поврзани со карти. Во современиот свет, речиси сите просторни активности се планираат и изведуваат со помош на ГИС бидејќи тоа штеди доста време, финансии, има висока точност, достапност до широк круг и многу други предности.
За потребите на проектот „Заеднички апликативни истражувања за заштита на природните ресурси и животната средина во прекуграничниот регион на општините Пехчево и Симитли“, покрај останатото, беа изработени бројни ГИС модели, сценарија и прикази за општините Пехчево и Симитли. Дел од ГИС моделите и базите на податоци кои се однесуваат на општината Пехчево (изработени од тимот на Балкан Девелопмент Солутионс БДС-Скопје), според својата содржина и тематика се навистина уникатни. Поради тоа и можностите за нивно искористување за различни планерски и други намени и цели се речиси неограничени. Токму затоа истите ги поставивме на оваа веб страна, со што ќе бидат на увид на сите заинтересирани.
Инаку, проектот „Заеднички апликативни истражувања за заштита на природните ресурси и животната средина во прекуграничниот регион на општините Пехчево и Симитли“ е финансиран според програмата за трансгранична соработка помеѓу Бугарија и Македонија за период 2007-2013, приоритетна оска 2: подобрување на квалитеот на животот. Проектот го реализираа општината Пехчево од македонска страна во партнерство со општината Симитли од Бугарска страна.
Целта на проектот е зачувување на природните ресурси и животната средина во трансграничниот регион на територијата на општините Пехчево и Симитли преку користење на географски информациски системи, ГПС и сателитски снимки.
Во рамките на една календарска година извршена е инвентаризација на природните ресурси на територијата на двете општини во ГИС средина и е креирана ГЕО база на податоци која вклучува оценка на геопејсажни ресурси, климатски, водни, шумски и почвени ресурси на територијата на двете општини; Создаден е систем за соработка, координација, размена на информации за природните ресурси на територијата на двете општини; мониторинг на природните ризици и потенцијални непогоди во областа-шумски пожари, поплави, силна ерозија и свлечишта. Беа организирани и изведени информативни и образовни семинари за користење на гео база на податоци и нејзина поддршка; Купена е опрема со соодетен ГИС софтвер која е искористена за создавање и поддршка на гео базата на податоци.
Со финансиската поддршка на програмата за трансгранична соработка Бугарија-Македонија 2007-2013 партнерските општини ќе бидат со подобрен капацитет за искористување на географските информациски системи со цел превенција од природни катастрофи, а ќе биде зголемена и информираноста на локалното население за зачувување на животната средина. Инвентаризацијата на природните ресурси и користењето на современите информациски технологии ќе помогне да се подобрат создавањето и работата на проекти со користење на креираните ГИС бази на податоци.
Општина Пехчево и Општина Симитли