Централното градско подрачје во Пехчево ќе добие нов современ изглед Печати
Напишано од Живко Каликов   
Петок, 26 Јули 2013 11:18


Започна изградбата на градскиот плоштад во Пехчево. Проектот ,, Изградба на плоштад и уредување на околниот простор ’’ во Пехчево, доби најголема поддршка од граѓаните кои учествуваа на Форумот во заедницата што за прв пат се организира во општина Пехчево. Граѓаните гласаа за 4 предложени проекти од кои најмногу гласови доби проектот ,, Изградба на плоштад и уредување на околниот простор ’’.

Главна цел на овој проект е да Пехчево добие современ изглед на централното градско подрачје и придонес кон поквалитетен живот на граѓаните од целата општина.

,, Со реконструкција на овој дел од градот истовремено ќе се решат повеќе проблеми кои ги мачат граѓаните. Со тоа ќе се подобри квалитетот на животот на граѓаните, а Пехчево ќе добие современ изглед на централното градско подрачје. Ја користам оваа можност да им се заблагодарам на граѓаните што во толку голем број учествуваа на форумските сесии и го дадоа својот придонес за развој на општината, ја зголемија партиципативноста во донесувањето на одлуките и даваа свои предлози и решенија за проблемите со кои се соочуваат. Се надеваме дека успешно ќе го спроведеме проектот ’’, рече градоначалникот Игор Поповски.

Со проектот се предвидува поплочување со травертин и гранит, поставување на елементи за одмор и релаксација, фонтана, а целиот простор ќе биде хортикултурно уреден.

,, Морам да ги информирам граѓаните дека за дел од проектите кои беа на нивните листи, како приоритети се веќе обезбедени средства за нивна реализација. Овие проекти имаат голем лигитимитет, затоа што се идентификувани токму од граѓаните и затоа нивната реализација за мене ќе биде приоритетна во наредниот период ’’, додава градоначалникот Поповски.

Проектниот фонд на Форумот во заедницата изнесува 4.8 милиони денари, а се обезбедени со подеднакво учество на донаторот Швајцарската агенција за развој и соработка и општина Пехчево, а по иницијатина на градоначалникот на општина Пехчево,од Буџетот на општината се издвоени и плус 2 милиони денари за уредување на фасадите во дел од централното градско подрачје, за изградба на нов паркинг простор, околу градскиот плоштад.

Целокупната реализација со градежните работи треба да финишираат до почетокот на септември. По завршувањето на градежните работи, ќе се одржи последователната 6 сесија, на која општината како носител и домот на културата Јане Сандански како партнер на проектот, ќе треба да дадат отчет пред граѓаните за неговата реализација.