Отчет - 100 дена од работата на градоначалникот Игор Поповски Печати
Напишано од Живко Каликов   
Вторник, 16 Јули 2013 07:35


Почитувани,

Изминатите 100 дена од мандатот кој што го добивме од нашите граѓани, работевме посветено во реализација на проектите кои што ги предвидовме за развој на нашата општина Пехчево. Довербата од граѓаните значеше и обврска да го оствариме она кое што го ветивме пред граѓаните и истовремено поттик да работиме со сиот капацитет на подобрување на патната инфраструктура преку изградба, реконструкција и рехабилитација на локални улици и патишта, изградба на фекална канализација со пречистителни станици, вложување во образованието, промоцијата на спортот и инвестирање во обезбедувањето услови за спорт и рекреација се проектите кои се започнати или завршини во овој период.

Нашата цел е Пехчево да стане современ град и со својот економски и севкупен развој ќе биде вистински репрезент на погранична општина,која и понатаму ќе ја прошируваме.

Токму затоа се зафативме со решавање на клучните проблеми и прашања кои ги засегаат нашите граѓани. Интензивно работиме на што поскоро осовременување на постоечките индустриски зони и изградба и отварање на нова технолошко развојна индустриска зона, со што ќе обезбедиме поволни услови за инвестиции и обезбедување на нови работни места во нашата општина. Со тоа сметаме дека ќе им обезбедиме перспектива на нашите млади и со тоа да го спречиме нивното заминувањето на печалба.

Согласно Програмата за изградба и реконструкција на локалната патна инфраструктура, општина Пехчево започна да ја подобрува состојбата на патиштата во општината.

Завршивме со уредувањето на пешачката патека која води до улицата ,, Мирче Ацев ’’, во должина од 60 метри, а ширина 6 метри, додека сретствата се издвоени од Буџетот на Општината.

Во должина од 1594 m и ширина од 3,5 m, завршена е целосната реконструкција на локалниот пат. Извршено е проширување и поставена е нова асфалтна лента на потегот од регионалниот пат R 523 Пехчево - Делчево, кон селото Негрево, во должина од 1594 метри, со ширина од 3,5 метри, изградба на банкини од двете страни на коловозот и канавки за прифаќање на атмосферските води.

Завршени се градежните работи на пешачката улица која ги поврзува булеварот Борис Кидриќ и ул. Киро Медарски. Улицата е во должина од 40 метри и ширина од 3 метри, уредена е со бехатон плочки, додека средствата за изградба се обезбедени од буџетот на општината предвидени со годишната програма за оддржување на патната мрежа во градот.

Се санираат најоштетените дупки низ улиците во Пехчево,а започна и асфалтирањето на ударните дупки на регионалниот патен правец Пехчево - Делчево.

Започна изградбата на градски плоштад со што ќе се даде современ изглед на централното градско подрачје и придонес кон поквалитетен живот на граѓаните од целата општина. Токму проектот ,, Изградба на плоштад и уредување на околниот простор ’’ - Пехчево, доби најголема поддршка од граѓаните кои учествуваа на Форумот во заедницата . Проектниот фонд на форумот во заедницата изнесува 5.3 милиони денари, а се обезбедени со подеднакво учество на донаторот Швајцарската агенција за развој и Општина Пехчево. Целокупната реализација со градежните работи на новиот плоштад треба да финишираат до почетокот на Септември.

Започна уредувањето и обновувањето на фасадата на домот на културата ,, Јане Сандански ’’, како дел од централното градско подрачје, околу градскиот плоштад.

Спроведени се интервенции во насока на подобрување на водоснабдувањето. Сменети се дел од цевките за водоснабување во селските населби, додека дел се исчистени. Во набавка сме на нов таложник кој ќе го реши проблемот на жителите на општината со чиста вода за пиење. Функционалноста на овој таложник кој ќе биде набавен во скоро време од страна на Општина Пехчево ќе го реши проблемот во иднина и ќе ги задоволува сите стандарди на здрава и чиста вода за пиење.

Ќе се заштитува реката Брегалница од одпадните води кај с.Чифик, Пехчево. Проект од регионални размери со што ќе се заштити од загадување реката Брегалница во нејзиниот горен тек. Овој проект едногласно го подржаа градоначалниците од 11-те општини од Источно - планскиот регион на 34 Седницата на Советот за развој на Источно-плански регион.

Интензивно се работи на изградбата на новото мултинаменско игралиште, како дел од програмата на Агенцијата за млади и спорт ,, Изградба на 100 игралишта ’’. Игралиштето ќе биде наменето за фудбал, ракомет и за кошарка. До крајот на месец јули, игралиштето ќе биде асфалтирано, оградено и осветлено.

Осветлено и оградено игралиштето во село Панчарево кое опфаќа мини-фудбалско игралиште и кошаркарско игралиште.

Обезбедени се и поставени над 20 контињери во сите селски населби во општината.

Изминатите три месеци се чистеа рачно и машински коритата на реката Писа, како и реките во селата Умлена и Робово. Ги чистеа екипи ангажирани од страна на локалната самоуправа и екипа од јавното комунално претпријатие Комуналец - Пехчево. Исто така се спроведе и чистење на водопадите на туристичката населба Равна река.

Исчистени се наноси на земја, комунален отпад и градежен шут и исечена е нискостеблестата и високостеблестата вегетација низ коритата и во невната непосредна близина.

Свесни сме за предизвиците кои ни престојат како локална самоуправа во насока на модернизирање и изградба на нашата општина. Веруваме дека со континуирана работа ќе ги постигнеме нашите цели и пред граѓаните да понудиме видливи и конкретни резултати. Развојот на Пехчево е можен само со продолжување со посветена работа. Затоа на граѓаните и во иднина ќе им понудиме проекти за подобрување на патна и комунална инфраструктура. Тоа е нашиот приоритет и во иднина, да работиме Пехчево да стане препознатлива и просперитетна општина која ќе им понуди иднина на своите граѓани.


 

Отчет - 100 дена од работата на градоначалникот
Игор Поповски