Спектакуларна завршница на Фестивалот на дувачки оркестри Пехчево 2013 Печати
Напишано од Живко Каликов   
Понеделник, 15 Јули 2013 12:03


Дувачкиот оркестар Уска Кан од Берово, е победникот на овогодинешното 3-то издание на Фестивалот на дувачки оркестри Пехчево 2013. Со мајсторска изведба на песни владееше со трубачките вештини, и супериорно се наметнуваше како перфектно зрел музичар претставувајки лик со сите свои квалитативни одлики.

Во конкуренција на пет дувачки оркестри, жири комисијата составена од врни експерти од оваа област, Живон Глишиќ, Васил Ристов и Вејчислав Поповски, првата награда златна труба Јамаха и директно учество на фестивалот во Гуча ја доделија на Уска Кан од Берово, втората награда кларинет ја доби дувачкиот оркестар Левис од Виница, додека третата награда тапан отиде во рацете на дувачкиот оркестар Ќоровци од с.Црник - Пехчево.

Награди додели и г-динот Јохан Тарчуловски, кој на сите учесници им додели пригодни награди за учество на фестивалот, а наградите беа обезбедени од Домот на културата ,, Јане Сандански ’’ - Пехчево.

,, Годинава имаше многу гости и се покажа голема заинтересираност за фестивалот, па се надеваме дека Фестивалот на дувачки оркестри - Пехчево ќе прерасне и во меѓународен фестивал, кој ќе понуди нови содржини и нов квалитет, тоа го заслужуваат и учесниците и фестивалот и почитувачите на оваа уметност ‘‘, рече градоначалникот на општина Пехчево, Игор Поповски.

,, Сме учествувале на многу фестивали на дувачки оркестри низ Европа, но овој фестивал се разликува од другите по душата која ја има, што е работа која се чувствува на секој чекор во овој мал град. Првпат сме тука и можам да кажам дека Пехчево има одлична иднина во однос на овој фестивал, кој станува познат и надвор од границите на Македонија. На фестивалот слушнавме многу убави изведби на дувачки оркестри од три соседни држави и секој од секого научи по нешто ново. Ќе дојдеме тука и идната година ако бидеме поканети, на што силно се надеваме“, ни изјави Константин Кирјанов, диригент на дувачкиот оркестар од Сандански Р.Бугарија. Кирјанов рече дека во животот не видел помал град со толку силна творечка енергија каква што сретнал во Пехчево.

Целата оваа музичка парада беше надополнета и со традиционалниот етно саем - Пехчевски Павловден кој се одржува по петти пат, на кој учествуваа многу ракотворци и занаетчии од земјава и странство и многу етно-групи од повеќе наши градови, кои го презентираа изворниот фолклор со сите негови белези. Фестивалот заврши со музичкиот спектакл на познатите DJ ERIC FOX и DJ Marga Sol .

За четири дена фестивалот на дувачките оркестри Пехчево 2013, во градот под Кадиица и Буковик ги урна ланските рекорди. Преполниот плоштад во Пехчево со посетеност од преку 20 000 гости кои беа воодушевени од фестивалот и туристичката понуда на Пехчево, во сите изминати четири фестивалски вечери покажа дека пехчевчани умеат и сакаат да живеат со музиката дека се добри домаќини, достојна и верна публика, љубопитна и жедна за секоја фестивалска вечер. Овогодинешната програма на квалитетни дувачки оркестри, културно уметнички друштва и познати имиња од македонската и бугарската естрада ја потврди заложбата на тимот, на чело со градоначалникот, како творец на овој амбициозен проект, фестивалот да има прогрес, да расте од година во година и да создава свој идентитет. Тоа впрочем го потврдија и сите учесници на фестивалот со нивните комплименти и воодушевувања од прекрасниот прием, како од публиката така и од страна на организаторите и посакаа пак да бидат учесници на идното фестивалско издание, ветувајќи нови и интересни музички изведби.

Уште еднаш се покажа дека сме достојни за организација и реализација на вака големи и амбициозни проекти од сферата на фестивалската уметност.

Ретроспективно, на се она што се случуваше на фестивалската сцена на годинешниот Фестивал на дувачки оркестри Пехчево 2013:

КУД „Јане Сандански“ – Пехчево ,КУД „Дедо Илјо Малешевски“ –Берово,КУД „Гоце Делчев“ –Делчево,Мажоретен состав со Дувачки оркестар –Бугарија ,дувачки оркестар Ќоровци – с.Црник,Младински општински дувачки оркестар - Сандански ,Етно оркестар Берово,Настап на деца од детската градинка 7 Септември - Пехчево ,Настап на учениците од ООУ Ванчо Китанов - Пехчево,Настап на Драган Колевски,Настап на Борче Павлевски ,Настап на Андреј Миске ,Настап на Кире Пандов ,Настап на Миле Шоповски и Драган Колевски,Настап на Жаклина Коловска ,Настап на Млади Таленти Штип ,Настап на Нино Величковски ,Работилнца за етно музика ,КУД Китка - Истибања ,КУД Оризари, Кочани ,КУД БАХАР Чалакли Валандово ,КУД Мегдана - Бугарија ,БАХАР Чалакли Валандово ,Оркестар ЛЕВИС Виница ,Оркестар БЕРСАН Штип ,Настап на Уска Кан - Берово ,ДЈ ТИ СИ РЕСИДЕНТ - Пехчево,ДЈ Преазидент – Македонија ,ДЈ МАРЕК – Бугарија,Благословена кујна ,Настап на етно оркестар Берово ,Настап на Балетска група од Р.Бугарија,КУД ,,Мегдана,, Бугарија ,КУД „Тримери“ Струмица ,КУД Копачка цела група С. Драмче, Делчево ,КУД „Русалии“ Секирник ,Настап на Ирена Спасовска ,DJ Marga Sol, DJ ERIC FOX.


  

  


ФОТОГАЛЕРИЈА НА ФЕСТИВАЛОТ НА ДУВАЧКИ ОРКЕСТРИ ПЕХЧЕВО 2013 

ФИНАЛЕ И ЕТНО САЕМ