Малешевско-пијанечка свадба 30.08-05.09 2010 Печати
Напишано од Admin   
Четврток, 28 Октомври 2010 12:54

Свадбарските обичаи и песни во пијанечко-малешевскиот регион се мошне специфични и интересни од фолклорен и од етнолошки аспект.

Современата свадба се разликува од порано. Многу обичаи околу склучувањето на брак се менуваат и се редуцираат под влијание на градот и како резултат на културните прилики и новите општествено-економски услови.

Според обичајното право, постоел извесен ред на мажење и женење во семејството. Помладиот член не можел да се омажи или да се ожени пред постариот од него. Меѓутоа постариот можел да се согласи и за тоа барал преженка, дар за благословот. Младите се земале меѓусебе од истите или од блиските села, или град. Покрај убавината, важно било момата или ергенот да е од чесно, добро и богато семејство.

Свадбата дури и во денешни услови останала како најавтентичен доказ на традицијата, бидејќи оние што го напуштиле своето огниште и живеат во други места, настојуваат да направат свадба како во нивниот стар крај. Свадбата секогаш била во недела и обично се прави наесен и напролет.

Свадбените ритуали во селата на Пијанец и Малешево започнуваат во четврток, а завршуваат во понеделник. Како прва етапа на свадбата е углавата (свршувачката). Треба да се внимава на месечевите мени, за да не се прави свршувачката на расип или гинеш (период кога се намалува месечината), бидејќи се верува дека бракот нема да биде среќен. Периодот од свршувачката до свадбата не е подолг од 3-4 месеци. Кога момчето ќе се вљуби во некоја мома или пак таа желба ќе ја имаат нивните родители, по обичај се испраќаат углавници (стројници) за да бараат согласност од родителите на момата. По добивањето на согласност од родителите на идната невеста, се разменуваат нишани (дарови) меѓу родителите на невестата и младоженецот. Вечерта на денот на свршувачката, треба да се внимава на часот кога ќе си тргнат сватовите од домот на идната невеста, односно не смеат да останат после 12 часот на полноќ, за да не ги „фати“ лошиот саат. По завршувањето на свршувачката, започнува подготовката за свадбата. Давачките за подготвување на рубата (чеизот), што со векови претставуваат голем товар за родителите на невестата, не можеле да се отстранат со никакви мерки и останале до денешни дни, иако во помала мера.

Гостите се покануваат на свадба во четврток од посебна група 3-4 девојки и момчиња кои се викаат канарии. Поканувањето се врши со чашка ракија која се налева од украсено шише и му се дава на најстариот член на семејството и со шарени бомбони, а поблиските роднини се канат со колче. На канариите им се дава паричка. На свадба се покануваат сите роднини и пријатели, а по обичај некаде и целото село.

Во куќата на момчето во четврток се меси плетеница (погача) и посебна погача во која се става метална паричка. Оваа погача се крши на главата на невестата пред да влезе во куќата на момчето.

Во петок попладне се меси плетеница (погача) во куќата на девојката. Доаѓа и оркестар и свири свадбарски песни и ора. Оркестарот најчесто е составен од гајда и тапан, а во поново време, од кларинет, труби и тапан. Тогаш се пеат повеќе народни песни, а некои од нив се карактеристични за овој крај. Плетеницата е една од нив.

 

Ја подај ми тенко сито,

да отсеам чисто брашно,

ја подај ми ситна солца,

ја подај ми студена вода, да замесим плетеница.

 

Подадоа тенко сито,

Одсејаа чисто брашно,

Подадоа ситна солца,

Подадоа студена вода,

Замесија плетеница.

 

Ја подајте брава и балтија,

Да расечем плетеница,

За да видам шчо е во неа.

 

Расекоа плетеница,

Па видоа шчо е во неа,

Момини руси коси и

Момчев рус перчик.

 

Во сабота се прави женска свадба, односно родителите на невестата покануваат свои гости. Сабајлето се собираат сите според однапред направен распоред, помагаат во примрема за јадењето (лупење на компир, дробење зелка и друго).

Тој ден на девојката и се прави фризура кавраци (кадрици) и се облекува во нова облека. Се дочекуваат гостите и се принесува ручек. Вечерта околу 21 часот кај невестата доаѓа свекрвата со многубројна придружба на жени кои се движат по патот и држат запалена свеќа во рака. Кога ќе стигнат во куќата ги гасат свеќите, невестата им бакнува раце и потоа свекрвата ја покажува донесената невестинска руба (срмена саја, фута, кошула, чорапи, опинци, монистрен колан, сребрени копчиња и пафта, невестински превез и рачник). Вечерта невестата спие со машко и женско дете за да биде плодна.

Во неделата е главната свадбена церемонија, пред куќата на младоженецот се собираат сватови. Младоженецот го спремаат, бањаат, бричат и го облекуваат во свадбарска народна носија составена од путури, кошула, елек, појас, шубара, опинци, торбе и рачник.

Откако ќе биде спремен младоженецот, се качува на коњ и заедно со деверите оди кај кумот за да тргнат по невестата. Кога ќе стигнат пред кумовата куќа трипати сите заедно извикуваат „Кумеееее, дома ле си?“ Кумот излегува со котле пијанечка ракија и филџан, нацрпува со филџанот од ракијата ги пои и им возвраќа со зборовите „Милите гости“. На трпеза се става погача месена од кумата наменета за невестата, се зема корито поклон од кумот и се упатуваат кон куќата на младоженецот каде што со останатите накитени сватови тргнуваат по невестата.

 Иако не се применува секаде (многу обичаи се разликуваат од село од село, дури и сеоја куќа има свој обичај, свој тертип) пред почетокот на свадбата се прават одредени дејствија со цел да се заштит младите од лоша магија.

Така на пример утрото на денот на свадбта, свекрвата меси леб и го става на таванот и таму стои се до завршувањето на свадбата. После тоа се дава на свиња или на друго животно од стоката бидејќи тие живтни риат напред (само не се дава на кокошка, рие наназад). Тоа значи на младите се да им напредува. Овој обичај е за да ја чува Господ челада на фамилијата.

Рубата, фустанот, костумот, обувката и другите предмети од облеката што ќе ја носат младоженците, се става на кантар да се измери, меѓутоа не треба да се види тежината. Тоа се прави за да не дејствува магија врз младите. Со иста цел мајката на невестата поминува под невестата до три пати. Кога невестата ќе дојде дома кај мажот, се прави уште еден обид за заштита од магија: невестата треба да голтне, парченце месо од сопругот (мало парче, кожа од петата обично), а младоженецот да голтне парченце месо од сопругата.

Ако на денот на свадбта врне дожд, неветстата треба да ги цалива, бакнува котлите во кои се готви свадбениот ручек за да престане дождот.

Кога ќе пристигнат сватовите се закитуваат. Тоа го прават млади девојки. Една мома во рацете држи послужовник полн со цвеќе, а други моми ги закитуваат гостите кои им ставаат пари на послужовникот.

Сватовите се почастуваат откако ќе влезат во куќата на невестата, со она што е ставено на трпезата.

Невестата кога ќе ги слушне сватовите дека доаѓаат, скришум треба да го види младоженецот преку венчалниот прстен. Кога ќе ја земат од дома, ако сака децата да личат на неа треба да се сврти да ја погледне куќата на родителите.

Деверот и младоженецот ја купуваат невестата од постариот брат или сестра, кои ја кријат и не ја даваат и бараат пари од младоженецот, а  понекогаш некој на шега може да каже да се пушти младоженецот побрзо за да не се предомисли и да си замине.

Кога ќе се пазарат за невестата, на момчето му покажуваат лажна невеста. А тој го подига белиот превез, гледа дека тоа не е неговата невеста и извикува на глас „Тоа не е мојата невеста!“ а присутните му одговараат  „ За толку пари-таква невеста!“ Со повторно пазарење, младоженецот повторно дава пари и му ја даваат вистинската негова избраничка.

Невестата го закитува младоженецот со крпче (марамче) и со цвет, потоа деверот и шаферката и на рацете им врзува бела трака, а тие даваат пари.

Потоа невестата им закитува крпчиња и на другите гости, а тоа претставува посебна радост за децата.

Невестата влегува кај роднините и сватовите и се поздравува со сите. Најпрвин бакнува рака на свекорот, па на свекрвата, се бакнува со младоженецот, а после со другите.

На младоженецот му се донесува баница врз која има пржени јајца. Тој треба да ја обрне (сврти) баницата со двете раце, ако е храбар да го стори тоа, ќе ја обрне и невестата. Роднините на невестата му викаат дека е плукано во баницата, но тој за да покаже дека ја сака невестата треба да јаде.

Свекорот и таткото на невестата фрлаат пари на погача донесена од свекрвата и кој повеќе ќе фрли се смета за побогат.

Невестата од дома ја изведува младо машко лице, нејзин род, кој и дава да се напие вода до трипати од десниот чевел, а таа го дарува со дар. Кога невестата ја изведуваат од дома, како и во другите краеви во Македонија, се пее песната:

 

Црешна се од корен корнеше,

Мома се од маќа делеше,

Проштевај мајко, проштевај,

Проштевај мила роднино.

 

Досега сам маќа слушала ,

Од сега ќе слушам свекрва,

Свекор, золва, етрва…

 

За да се омажат и другите немажени моми од улицата, невестата треба да ги влече нозете, од иста причина тие кои и честитаат на венчавката треба да ги повлече за нос.

Излегувањето на невестата од родителскиот дом е проследено со емоции. Овде се јавува двојно чувство. Чувството на радост поради одомувањето на ќерката и чувството на жалење поради напуштањето на родителскиот дом. Некои пеат, а други плачат. Мајката на невестата секако дека е најтажана, бидејќи знае дека ќерката започнува нов живот полн со обврски. Затоа во овој крај често се кажува поговорката „И стреите плачат кога женско ќе се роди.“

Откако ќе завршат обредите во куќата на невестата, младоженецот се качува на бел гривест коњ, а невестата во запрежна накитена кола со мали дечиња и деверите. Сите заедно се упатуваат во црква каде што ќе се изврши чинот на венчавање.

За венчавањето во црква, интересно е верувањето дека откако чинот ќе заврши, од младите, сега веќе венчани, кој прв ќе го стапне другиот, ќе биде главен во семејството. По излегувањето од црква, кумот фрла метални парички и бијат камбаните за да се чуе дека има штотуку венчани младоженци.

 

Пред куќата на младоженците, врз младите се фрла жито за да бидат плодни. Невестата преку главата на сите страни од сито фрла жито, бомбони и пари, за да бидат плодни, благи и богати. Невестата фрла пара врзана во крпче на покривот од куќата и како што е парата цврста и  ќе остане на покривот, така и невестата да биде цврста и да остане во куќата. Кога доаѓа невестата во новиот дом кај момчето и се дава мало дете, подавче, обично машко, таа треба да го штипне, удри по образ подавчето, а тоа треба да заплаче, за да се слушне детски плач и во домот на младите. Потоа невестата го дарува подавчето. Потоа свекрвата ја пречекува со два леба и и ги става под мишки, потоа и дава во раце два бокала вода, ја запашува со фута и со бела шамија. Свекорот им става крпа преку вратовите на младоженците и заедно влегуваат во куќата. Младоженецот треба прв да влезе за да и заповеда на невестата, а таа полека истура вода од садовите што ги држи во раце. Тоа значи како што водата оди лесно, така и животот во домот да е лесен.

Невестата ги дарува поблиските на мажот и кумовите. Додека се даруваат деверите се пее:

 

Ќитен, ќитен девере,

Кој те толку накити,

Та ти копше не заши?

 

Имам сестра помала,

та она ме накити,

та копче не заши…

 

По обредите, се преминува на свадбен ручек. Ручекот се служи на ткаени килими што поканетите си ги носат од дома заедно со торбе во кое има прибор за јадење.

На посебната трпеза за младоженците, нивните најблиски и кумовите доаѓа пеачка група составена од постари жени кои ги пеат свадбарските обредни песни без придружба на инструменти. Овде е присутен и викачот, човекот кој со гласно викање кажува кој што донел поклон за младоженците.

Се пеат песни, се послужува ручек, а невестата поминува и им бакнува рака на гостите поскувајќи им добредојде, а тие и даваат пари. Невестата му бакнува рака и на својот избраник, а тој и дава метална паричка за да биде цврста.

Се пеат весели песни, а кога ќе заврши ручекот започнува орото Копачка кое е пропратено низ целата свадба, потоа ората Ситното, Четворка, Малешевско, Шестка, Елено моме, Циганчица, Дивна Јуда...

 

Во понеделник наутро невестата ја будат со музика и таа ги дарува музичарите со по една крпа или кошула. Потоа повторно ја облекува свадбената носија. Младоженецот заедно со деверите оди во куќата на родителите на невестата и лично ја потврдува веста за чесноста на невестата со шише блага ракија подготвена од свекрвата. Мајката на невестата пече кокошки набодени на стапови и украсени со јаболко и цветови и ги дава на деверите. Зетот го даруваат со бовчалк и го гостат со јадење и мезиња, а потоа сите заедно одат во новиот дом на невестата. Еден од деверите пред присутните на бел петел му ја кине главата и деверите ги мачка со крв. (Обичај останат во овој крај од паганството).

Невестата деверите ја носат на вода кај најблиската чешма или река, а таа во раце носи два бокали (стомни). Кај чешмата деверите ги полнат бокалите со вода и невестата со нозе ги истура двапати, а после третото полнење ги зема во раце. Таа треба да се напие вода од својот опинок трипати од рацете на деверот, при тоа се пее:

 

Девер си вода налива,

Снаа му вода разлива,

Девер и се милно молеше,

Снао ле мила снаичко,

Не ми разливај водата,

Зар сам ја скапо платил…

 

На враќање се пее песната:

 

Цафнали са две ружи в градина,

Една цафти и окапува,

Друга цафти и заврзува.

 

Шчо то цафти и окапува,

Това е момината маќа,

Шчо то цафти и заврзува,

Това е момчевата маќа.

 

Кога ќе се вратат деверите со невестата, невестата им полива вода првин на свекорот, па после на свекрвата, а тие си го мијат лицето. Потоа некој им ги црни лицата со јаглен.

Во домот на младоженецот и невестата сите доаѓаат и продолжува веселбата.

Кумот ги купува печените украсени кокошки од деверите.

На кумата и на свекрвата им ги соблекуваат гаќите и ги палат, а некаде по селата има обичај да се пали сноб слама. Сите овие обичаи се во знак на чесноста на невестата. Мајката со други жени (тетки, комшивки итн…) носат благо, торта, баклава и друго кај невестата, а воедно и да видат каде ја дале ќерката, во каква куќа. Од плетеницата што се разделува, младите кои не се во брак си ставаат под перница парче од погачата и се надеваат дека на сон ќе им се појави оној/онаа за кој/која ќе се мажат/женат.

По завршувањето на свадбата, невестата не смее да доаѓа кај родителите една недела. По една недела зетот, невестата, деверите и кумовите одат на површчанка (првиче), односно на гости кај родителите на невестата.