Одржан првиот семинар од проектот за меѓугранична соработка Печати
Напишано од Живко Каликов   
Понеделник, 03 Јуни 2013 10:30


Во склоп на проектот ,, Заеднички истражувања со цел апликативна примена во зачувување на природните ресурси и заштита на животната средина во пограничниот регион меѓу општините Пехчево и Симитли ’’, финансиран преку ИПА програмата за меѓугранична соработка помеѓу Република Македонија и Бугарија, беше одржан првиот семинар во Пехчево, организиран од страна на Локалната самоуправа.

Општина Пехчево и Симитли ќе ги превенираат природните катастрофи на територијата од двете општини во прекуграничниот регион, на територија од 800 км2 со користење на високотехнолошки информациски технологии, ГИС, ГПС и сателитски податоци, како и со зајакнување на капацитетите на засегнатите страни, ќе работат на зачувување на природните ресурси и заштита на животната средина.

На семинарот присуствуваше, градоначалникот на општина Пехчево, претставници од општина Симитли, експерти од Balkan Development Solutions, сите засегнати граѓани и надлежни институции.

Семинарот го отвори градоначалникот на општина Пехчево, Игор Поповски, а го водеа експертите од Balkan Development Solutions.

,, Ми претставува особено задоволство што Пехчево е домаќин на првиот семинар во рамките на проектот. Проектот за користење на современи технологии во делот на зачувување на животната средина и успешно справување со природните непогоди е од голема важност за пограничниот регион, од кој дел се општините Пехчево и Симитли. Со реализација на овој проект ќе создадеме база која ќе овозможи полесно справување со природните непогоди, преку координиран и системски пристап со вклучување на сите засегнати страни од двете општини. Самата проектна идеја е иновативна и нашиот модел може да биде искористен во следниот период и од другите општини од пограничниот регион за еден интегрален регионален пристап во зачувување на природата и заштита од природни непогоди.

Општина Пехчево има долгогодишна традиционална соработка со општина Симитли од Р.Бугарија. Реализацијата на овој проект ќе ја зајакне оваа соработка и ќе создаде подлога за понатамошни партнерства во реализација и на инфраструктурни проекти ’’, истакна градоначалникот Игор Поповски.

На семинарот беше разгледана идејата за реализација на проектот, главните и специфичните цели, задачите и досегашните резултати, како и практична работа за користење на високотехнолошки информациски технологии, ГИС, ГПС и сателитски податоци.

Со овој семинар се опфатени повеќе активности, како што се користење на сефтверски пакети ( SAGA GIS GLOBAL и MAPPER ), користење на ArcGIS 10.1 Basic и работа со GPS приемник Garmin - ETRAH 30.

Вкупниот буџет на проектот е 99.250 евра, а финансиран преку ИПА програмата за меѓугранична соработка помеѓу Република Македонија и Бугарија и ќе се имплементира во следниот период.