Општина Пехчево со директна заложба за развој на стопанството и намалување на невработеноста Print
Written by Живко Каликов   
Friday, 10 May 2013 10:32
There are no translations available.


Вчера градоначалникот на Општина Пехчево оствари средба со Бизнис секторот од општината. Темата на средбата беше стопанството во општината, со цел подобрување на можностите за вработување. Посебен акцент на средбата беше ставен на развојот на индустриските зони, можностите за вработување и условите за развој на стопанството.

Целта на средбата беше да се слушнат проблемите кои што ги имаат нашите бизнисмени, со цел лоцирање на областа во која локалната самоуправа може да помогне, за подобрување на можностите за нови инвестиции и нови вработувања, која е динамиката и кои се идните проекти и планови кои ги имаат замислено за развој на индустријата, кои ќе значат подобрување на животот на граѓаните за решавање на долгогодишните предизвици, со кои се соочува општината.

,, Главниот импулс за економски раст мора да произлезе токму од приватниот сектор. Само тој може да создаде економска благосостојба и нови работни места на долг рок. Но, секако, приватните субјекти зависат од поволностите за водење бизнис, односно од условите што локалната самоуправа ќе ги обезбеди за вас и затоа во следниот период ќе биде силно фокусирана на локалниот економски развој. Всушност, знаете дека имаме еден голем проблем, а кој локалната самоуправа самостојно не може да го реши, а тоа е - невработеноста. Токму затоа се зафативме со еден концепт кој значи вклучување на сите капацитети и ресурси за решавање на проблемот со невработеноста. Општината ќе создаде уште поповолни услови за инвеститорите со цел решавање на овој проблем ‘‘, изјави градоначалникот Игор Поповски.

Ве поздравуваме за организацијата на овој состанок, ова е прв ваков состанок во последните 7 години, неизмерна благодарност до вас како градоначалник. Ништо не е поприоритетно, ако не излезете во сусрет на нас како бизнисмени. Состојбите во општинската економија се загрижувачки и итно треба да се донесат нови мерки за ублажување на кризата, посочија членовите од бизнис - заедницата.

Целосно осветлување на индустриските зони Чуката и Грозил, инфраструктурата во општината, проширување на улиците во индустриските зони, вода, канализација, категоризација на приватните сместувања, да се создаде Совет на стопанственици од различни дејности, беа барањата од присутните од бизнис - заедницата.

,, Општината и Владата на Република Македонија, континуирано ќе ги поддржува напорите за поттикнување на локалниот економски развој, што ќе се отсликува преку проекти за модернизација на локалните патишта, поддршка на образованието, преку одвојување на финансиски средства за изградба и реконструкција на разни објекти и поддршка и поттикнување на локалниот економски развој што ќе придонесе за остварување на капацитетите кои ќе значат и нови работни места за граѓаните ‘‘, истакна градоначалникот Поповски.

Во моментов во Пехчево, активно се работи на две индустриски зони. Од одделението за урбанизам изјавија дека во индустриската зона Чуката или Подуово, активно се работи да се доврши парцијализацијата и дека се друго е спремно, може да се гради одма, откако ќе го добиеме документот. Таму има струја, вода патот ќе биде довршен, додека проблемот со канализацијата во таа индустриска зона ќе го решиме до 2015 година.

Градоначалникот на средбата ги посочи и најважните проекти во делот на економскиот развој на кои ќе се посвети значајно внимание во идниот период: Изградба на програмата за привлекување на странски и домашни инвеститори, изградба на фекална канализација во индустриските зони, комунална инфраструктура во Туристичката населба Равна река, поддршка на мали и средни претпријатија, формирање на општински фонд за поддршка на мали бизниси и изградба на нов градски плоштад, кој започнува со изградба за еден месец.