Претставници на Balkan Development Solutions на средба со градоначалникот Поповски Печати
Напишано од Живко Каликов   
Петок, 26 Април 2013 10:39


Вчера се одржа средба на претставници на Balkan Development Solutions ( BDS ), со градоначалникот на општината Игор Поповски.

Целта на средбата беше да го запознаат новиот градоначалник со одобрениот проект од вториот повик за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Репулика Бугарија. Општина Пехчево во рамките на овој проект го доби проектот ,, Апликативна примена во зачувување на природните ресурси и заштита на животната средина во пограничниот регион ’’ - меѓу општините Пехчево и Симитли.

Менаџерот на Balkan Development Solutions ( BDS ) и тим лидерот Јане Вртески, го презентираше поттикот за идејата на проектот.

Во подрачјето на општините Пехчево и Симитли, има ограничени природни ресурси кои се на удар на различни природни ризици, големите шумски пожари, оголија значителни површини, предизвикаа силна ерозија со губење на квалитетната почва и негативни последици врз животната средина на Пехчево и соседните општини, прогнозите се дека во следните години и децении, поради глобалното затоплување опасноста од пожари ќе се зголемува, долготрајните врнежи  активираат многу свлечишта во таа област, особено селото Црник, односно Црничкото свлечиште и некои други може да бидат многу ризични и опасни и дека двете општини немаат соодветна ГИС база, ниту за ресурсите, ниту за потенцијалните ризици со кои би можеле полесно да се справат, истакна Вртески. Исто така потенцираше дека во рамките на проектот може да биде набавена и автоматска метеоролошка станица која ќе биде од големо значење на општината.

,, Со општина Симитли ние како општина имаме успешна соработка и се надевам дека истата ќе ја продолжиме и понатаму. Ви посакувам успешна работа и да се работи на што поголема заштита на овој регион особено од пожари и други природни непогоди. Ние како општина ќе превземеме соодветни постапки кои ќе одат во насока на заштита на овој регион, бидејќи знаеме дека постои потреба од тоа. Мораме да сториме се што е во наша моќ да дадеме импулс на развојот и заштита на регионот ’’, рече градоначалникот Игор Поповски

После средбата беше одржана презентација на проектот на која присуствуваа претставници од јавниот, приватниот, невладиниот сектор, кои беа запознаени со целите, задачите, активностите и моделите на потенцијалните ризици.

Вкупниот буџет на проектот е 99.250 евра и ќе се имплементира во следниот период. Во проектот се опфатени истражувањата на природните ресурси во двете општини и инвентаризацијата во ГИС-средината и разработка на Гео - базата на податоците, отценка на ГЕО и пејсажните ресурси, климатските, водните и шумските ресурси на територијата на двете општини, отценка на природните ресурси и идентификација на пограничните области со значајни и единствени природни карактеристики како можни заштитни подрачја, воспоставување на мрежата во ГИС- средината за заштитата на природните ресурси и мониторингот на природните процеси на ризиците во областите на шумските пожари, поплавување, силна ерозија и свлечишта. За сите засегнати институции и организации од двете страни ќе бидат организирани информативни и образовни семинари за користење на ГЕо-базата за податоци и нејзиното одржување. За двете општини вече е набавена опрема и Гис-софтвер за развој и одржување на ГЕО базата на податоци.