Рудникот за бакар во Пехчево за помалку од две години започнува со работа Печати
Напишано од Живко Каликов   
Понеделник, 22 Април 2013 10:47



Управителите на фирмата ,, Кадиица метал ’’ - Пехчево, Алексеј Страхуњин и Николајчо Николов, беа на работна средба со градоначалникот на Пехчево, Игор Поповски. На градоначалникот му подарија мала статуетка на рудар, што е симбол со кој еден град се означува како нов рударски центар.

Целта на средбата беше да го запознаат новиот градоначалник со текот на истражувањата, но и со плановите и проектите кои претстојат во наредниот период, а се поврзани со изградбата на новиот рудник за бакар, локализиран на Кадиица.

Истражувањата траеја две години, а со експресната изработка на елаборатот се утврдени вкупните резерви на бакарна руда кои ја докажаа оправданоста од скорешното отварање на нов рудник за бакар во Македонија, втор по рудникот ,, Бучим ’’ кај Раовиш. 

Претставниците на ,, Кадиица метал ’’, побараа логистика од градоначалникот, подршка и забрзување на постапката околу административните дозволи што ќе бидат потребни, како од општината, така и од надлежните Министерства.

Изразувам задоволство од динамиката со која се работеше и очекувам дека овој капитален објект ќе помогне во надминувањето на економските проблеми на граѓаните на Пехчево, додека директниот бенефит за општината ќе биде процентот од концесијата за експлоатацијата на рудата што фирмата ќе ја плаќа на општината. Подготвени сме да ја дадеме сета потребна логистика како локална самоуправа и јас како градоначалник. Отварањето на рудникот е од непроценливо значење, со тоа што ќе се отворат околу 150 работни места и факт е дека општината ќе добива финансиски надомест што ќе придонесе и за реализација на многубројни проекти, истакна градоначалникот Игор Поповски.

По две години интензивни геолошки истражувања на локалитетот Кадиица, се потврдија првичните согледувања на експертите дека овој локалитет крие бакарна руда тешка 70 милиони тони, со содржина на метал бакар во неа од 0,2 процента. Со годишно производство од 4,500 тони бакар, рудникот ќе има животен век од најмалку триесет години. Новиот рудник ќе обезбеди работа за граѓаните на општината, но ќе носи финансиски бенефити и за самата општина, која ќе добива пари од концесија за експлоатација на рудата. Инвеститорот, руската компанија ,, Солвеј ’’, инвестира во сериозен капацитет кој според динамиката на работите на терен и согласно законските процедури за добивање на концесијата за експлоатација, ќе отпочне со работа за помалку од две години, рече Николов и уште еднаш потврди дека рудникот нема да може да стартува без обезбедена А - интегрирана еколошка дозвола од Министерството за животна средина. Луѓето од овој крај мора да бидат информирани дека не постои ниту најмала можност за загадување на животната средина.

Во меѓувреме очекуваме од Министерството за економија да ја добиеме концесијата и одобрението за експлоатација и да почнеме да ја градиме фабриката. Во наш интерес е да почнеме што побргу со експлоатација, додаде управителот Алексеј Страхуњин.

Бакарот на Кадиица, според експертите кои први ги потврдиле неговото присуство пред повеќе децении, се наоѓа во форма која е многу лесна и економична за добивање, а рудникот кој треба да никне кај Пехчево ќе биде меѓу 10-те најголеми фирми во Македонија. Производството на бакарот ќе биде со примена на современа технологија, позната како подземно лужење, која е малку применета на Балканот и во Европа, а од неодамна се применува за производство на бакар и во погонот во Бучим.